Алпинистички клуб „Патагонија“ Охрид во соработка со Македонска алпинистичка федерација и Национален парк Галичица, во јули и првата половина на август ги финализираше теренските активности за уредување на нов локалитет за качување на сува карпа, со што официјално заврши втората фаза од проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, кој се реализира четврта година по ред со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

Локалитетот е сместен над познатото излетничко место Корита, на надморска височина од 1600 м, во стара букова шума. Со својата западна експозиција нуди неповторливи пејзажи кон хоризонтот и Охридското Езеро, а овозможува идеални услови за качување и во најтоплите летни денови. Локалитетот опфаќа 3 карпи со вкупно 18 насоки (должина 20–50 м). Дел од нив се опремени со класични алпинистички клинови, а дел со експанзиони, што овозможува качување во различни стилови и техники, информираат од АК „Патагонија“.

За полесен пристап, велат, изработена е и нова маркирана патека (1 км), погодна и за љубителите на лесни прошетки во природа, со можност да ја посетат и новооткриената „Алпинистичка пештера“, пронајдена токму во текот на истражувањата.

Со овој локалитет се отвораат нови можности не само за развој на алпинизмот и спортското качување, туку и за збогатување на туристичката понуда на Охрид и Националниот парк Галичица.

За воспоставување на локалитетот беа обезбедени 1.055.000 денари, најголем дел обезбеди преку PONT, дел од Општина Охрид и дел од сопствени средства на АК „Патагонија“ Охрид.

OhridNews