Асфлатирање и изградба на улици и патишта во речиси сите охридски села предвидуваат охридските локални власти во рамки на ,,Нацрт Развојната програма за изградба и реконструкција на локални патишта и улици за периодот од 2015 до 2017 година”, која што е ставена на увид пред граѓаните.

Со проект финансиран преку кредит од Министерството за финансии од Светска банка, општина Охрид планира да изврши реконструкција на улицата „Илија Смически“ во селото Лескоец и да го рехабилитира локалниот пат од автокампот „Елешец“ до центарот на селото Елшани.

Преку проект од Агенција за државни патишта финансирани од Буџетот на Република Македонија планирано е да се изврши првата фаза од реконструкција на локалниот пат од бензинската пумпа „Билјанини извори“ до селото Велестово.

Со средства од Буџетот на општина Охрид, нови и асфалтирани улици треба да добијат селата Горно и Долно Лакочереј, Орман, Свиништа, Опеница, Куратица, Рача, Трпејца, Љубаништа, Коњско, Елшани, Подмоље, Плаќе, Ливоишта, Вапила, Велгошти, Пештани, Косел  и Лескоец. Во рамки на програмата планирано е да се обезбедат средства и за изградба и асфалтирање на улици во населбите „Рача“, ,,Елешец’’, „Св.Стефан“ и ,,Лагадин’’. Исто така планирано е да се изврши рехабилитација на локалниот пат од месноста ,,Прентов мост’’ до село Куратица, како и рехабилитација на локалните патишта за селата Речица, Рамне и Завој.

Во програмата се нагласува дека од причина што се работи за развојна програма за период 2015-2017 година, за реализација на овие проекти, од Буџетот на општина Охрид за тековната 2015 година планирано е да бидат издвоени околу 570 илјади евра или точно 35 милиони денари.

OhridNews