Цената на дизел горивото од ноќеска на полноќ се зголемува за 8,5 денари за литар, а бензините поскапуваат за 3,5 денари, одлучи доцна вечерва Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,88 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 95, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 94 денари за литар.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар кај бензинот во просек за 8,971 отсто и кај дизелот за 16,811 отсто, како и за околу 1,078 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33 отсто на сите трговците со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
OhridNews











