Интерното одделение при Општата Болница Охрид доби нов ендоскопски апарат со кој се овомозжува да бидат изведени повеќе гастроскопии и колоноскопии. Апаратот е набавен на јавна набавка со средства обезбедени од Фондот за здравстено осигурување на Република Македонија.

Драго ми е што успеавме да набавиме нов апарат за и колоноскопија во Општата Болница Охрид, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочувајќи дека во моментот на национално ниво нема доволен број на гастроскопи и посебно на колоноскопи.

Се обидуваме да согледаме што е потребно каде за да создадеме капацитет, бидејќи скринингот да функционира како што треба ќе треба инфраструктурата да се воспостави. Во Општата Болница Охрид имаме два одлични доктори, значи кадри имаме. Потребно е да се погледне опремата и другите прашања за да се зголеми бројот, посебно на колоноскопии. Гастроскопиите се јавуваат со симптоми и граѓаните почесто доаѓат за гастроскопија отколку колоноскопија, бидејќи дебелото црево е тивко. Ако ќе станат симптомите видливи и јасни, тогаш може да е доцна. Ние ги охрабруваме граѓаните да секој над педесет години, без разлика на симптомите, направи колоноскопија, дури е здрав за да се види каква е состојбата. Ова е еден од чекорите за да создадеме една инфраструктура за повеќе гастроскопи и колоноскопи, бидејќи посебно ракот на дебело црево е сè позначаен проблем во државата.

На ниво на држава на многу малку места се прават колоноскопии и гастроскопии и тоа е проблемот што превентивната програма за рак на дебело црево не функционира на посакуваното ниво.

Ние ги завршуваме мапирањата заедно со Клиниката за гастроентерохепатологија. Пред се каде има човечки ресурси, бидејќи машините побрзо ќе се набават отколку што ќе се создадат и обучат специјалисти, супспецијалисти за таа цел. Меѓутоа, очекувам подобрување да има оваа година и во други општини и други општи болници во земјата, додаде Кленковски.

На одделението имаме двајца доктори, Д-р Васко Јованоски и Д-р Владимир Шибакоски супспецијалисти по гастроентерохепатологија коишто оперираат, односно го работат овој нов апарат, вели директорот на Општа Болница Охрид, Д-р Горан Маркоски.

Последниот апарат беше стар околу дваесетина години. Често беше во дефект, затоа и бројот на интервенции беше значително мал, незадоволителен за нашиот град, при што нашите граѓани често користеа приватни установи за ваков тип на интервенција, беа подложени на дополнителни материјални трошоци, често патуваа и во други центри надвор од нашиот град, така што оваа набавка има големо значење општо за нашата општина во однос на материјално-економски аспект, посочи Д-р Маркоски.

Д-р Владимир Шибакоски посочи дека бројот на прегледи зависи од термините за гастроскопија и колоноскопија, при тоа потенцирајќи е важноста од превентивните прегледи.

Ние не работиме исклучиво само гастроентерохепатологија, туку работиме интерна медицина. Значи, според распоредот така сме и со термини во кабинетот за гастроентерохепатологија. Функционира кабинетот од 2013 година, не е сега нешто ново. Апаратот е само нов, пософистициран нормално, што ќе олесни до некој степен. Тој сам не работи нормално, ама секако нов апарат сигурно би зголемил и во квалитет и во степен на дијагностика на болести, вели.

Потенцира дека многу е битно да се зголеми бројот на скрининзи, колоноскопија првенствено, меѓутоа за тоа да функционира треба малку поголема реорганизација на функционирањето на секундарново здравство кај нас.

Ургентен центар ако функционира во градот Охрид многу повеќе ќе можеме да се посветиме на нешто што е од голем интерес за граѓаните. Значи да се посветиме на зголемување на бројка на дијагностички прегледи што би биле во склоп на еден скрининг. Скринингот е нешто што првенствено треба. Пациент кој веќе ќе има манифестни тегоби и дијагноза, не дека не е потребно тогаш преглед, меѓутоа скринингот е нешто што би било олеснување првенствено за граѓаните, а после нормално и за оптеретувањето на здравствениот систем. Значи, друго е кога превентивно ќе се фати состојба која веќе не е развиена манифестна, отколку да се третира веќе сериозна развиена болест, додава Шибакоски.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска