Една од трите непоразени екипи во мечевите за титулата, Макс Струмица е противник на охридските ракометари во третата рунда од плејофот во Супер лигата.


Натпреварот со Макс Струмица кој директно (ќе) треба да одлучува за третата позиција во Супер лигата за охридските ракометари доаѓаа по историскиот успех со пласман во завршницата од Купот на Македонија.

– На минатата пресконференција најавив дека ќе играме со сите сили, а тоа го најавувам и на оваа. На секој меч одиме со отворен гард без разлика на името од противникот. Макс Струмица доаѓа со позитивна серија во Охрид, но и ние си имаме свои мотиви за престојниот натпревар. Ракометарите имаа ден слободен и вечерва се насочуваме кон дуелот со Струмица. – рече тренерот на Охрид, Горан Андоновски.


Натпревар пред полна сала посакува левиот бек Иван Стојановиќ кој имаше одлични две партии против Тинекс Пролет и Прилеп во четвртфиналната група од Купот. – Плејофот за нас стартува од мечот со Струмица. Чувствуваме замор во нашите тела, но пред полна секогаш ќе најдеш сили да одиграш добар натпревар. Имаме голема самодоверба меѓу нас, што е многу важно за вакви мечеви. Струмица е искусна екипа, се штедеше во Купот и тоа доволно говори за нивната фокусираност за овој натпревар.


Слободниот ден по историскиот успех во Купот на Македонија добро им дојде на „гладијаторите“ кои го искористија полнење на батериите.

– Ќе мора да поправиме многу работи во одбраната бидејќи одигравме многу слабо додека во нападот ги искористивме прилики кои ни се пружија. Сепак, друго е да одиграш два меча за два дена и вака да се подготвуваш за еден натпревар. Ние со помош на нашите навивачи и публиката можеме да се носиме со секој противник во „Билјанини Извори“. – истакна Малик Хогас.

Натпреварот со Макс Струмица се игра во среда во 19 часот, цената на билетот изнесува 50 денари.

Мх.П.