Судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ треба да почне денеска во Основниот суд во Охрид.

Поради недоаѓање на второ обвинетиот Бранко Баиќ, претставник на осигурителната компанија „Лојд“, кој живее во Белград, Србија, досега два пати беше одложен почетокот на судењето за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија. Иако тој бил уредно поканет, тој не се појави на претходните две рочишта, поради што Обвинителството побара нему да му се суди во отсуство.

За трагедијата што се случи на 5-ти септември 2009 година, во која животот го загубија петнаесет бугарски туристи, обвинет е и капетанот на бродот „Илинден“, Сотир Филевски Тој, како и претставникот на „Лојд“ се товарат за  предизвикување тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Истрагата за бродската несреќа во која беа вклучени екперти од земјава и странство траеше повеќе месеци, а како најверојатна причина за несреќата се посочува механички дефект, кој го дестабилизирал бродот, а патниците ги зафатила паника, што придонело тој да потоне за само неколку минути. Во моментот на несреќата на „Илинден“ имало 53 патници, туристички водич и двајца членови на екипажот кои заедно со посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ кои веднаш пристигнале на помош, успеале да спасат многу животи. За храброста спасителите беа одликувани од општината Охрид и од Република Бигарија.

Паралелно со македонските, истрага спроведоа и бугарските власти, кои покренаа обвинение против организаторите на туристичкото патување во Охрид, кое било проследено со низа пропусти. Поради тоа судот во Димитровград го казни организаторот на туристичкото патување на бугарските граѓани со 2250 евра и двегодишна забрана за вршење дејност. Бугарија истрага најави и против одговорни институции и поединци во Македонија, но откако ќе заврши судскиот процес во Охрид.

Семејствата на бугарските туристи, кои настрадаа во потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро на 5-ти септември 2009 година, бараат отштета од половина милион евра.

OhridNews