Како што најавува градоначалникот Александар Петрески, со реализација на договорот, ќе се придонесе кон осовременување на градското осветлување. Ќе се постават нови, диодни светилки, од што најголема предност ќе биде заштедата на електрична енергија и тоа дури за 60 проценти. Фирмата која ќе се избере ќе има обврска да го промени целото јавно осветлување, односно арматурите на сијалиците и додека трае партнерството, фирмата ќе ги сноси сите трошоци околу дефектите.
Одлуката за потпишување договор за Јавно приватно партнерство од страна на Советот на Општина Охрид беше донесена уште минатата година. Врз нејзина основа беше распишан и тендер на кој се пријавиле 4 фирми. Две понуди биле валидни, но градоначалникот ги одбил бидејќи биле превисоки. Целото Јавно партнерство требало да чини 8 милиони евра. Петрески смета дека оваа сума може да биде двојно помала и затоа тендерот бил поништен.
Поради измените во законот за Јавно приватно партнерство кои настанаа после донесувањето на одлуката во 2011год. оваа точка повторно се стави на последно оддржаната седница на советот.