Во Основниот суд во Охрид денеска е закажано главното рочиште од повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски (27), што се случи на дочекот на Нова година во 2016 година што според обвинението го изврши Бојан Угреновиќ (30), од Краљево – Република Србија. Тој сега се брани од слобода, бидејќи судот му го укина притворот согласно законот за кривична постапка, каде по член 123 став 1, кој што се однесува на крично дело убиство, а предвидува казна затвор во траење од најмалку 5 години, истиот може да трае една година. Овој законски рок истече на 27-ми јули.

Главниот претрес инаку требаше да се одржи на 19-ти септември, но судењето беше одложено бидејќи обвинетиот не се појави на закажаното рочиште. Судот извести дека тој бил уредно известен за одржувањето на рочиштето, поради што е издадена наредба до МВР да го обезбеди неговото присуство на новото рочиште закажано за денеска.

Досега четири пати се одложува почетокот на повторениот судски процес откако апелацискиот суд во Битола ја укина првичната одлука на Основниот суд Охрид кој обвинетиот Бојан Угреновиќ во декември минатата година го осуди на казна затвор од 16 години и го врати предметот на повторно судење.

OhridNews