Државата во вид на траен влог ги презеде долговите за неисплатени плати и придонеси на вработените во охридски ЕМО. Пратениците во македонското Собрание попладнево го усвоија  Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во АД ЕМО Охрид. Со него се предвидува со отпремнина компанијата да ја напуштат околу 1000 вработени, а на работа ќе останат 500 до 600 вработени.

-На сите вработени ќе им бидат исплатени сите заостанати придонеси по однос на здравствено и пензиско осигурување и неплатен персонален данок. На сите вработени ќе им биде исплатена отпремнина во насока на надокнада на платите кои не се исплатени во висина од 1.000 до 2.300 евра. Ќе се направи обид што повеќе луѓе, најмалку 500 до 600, да останат на работа и редовно да земаат плата, истакна од собраниската говорница  пратеникот на владејачката ВМРО ДПМНЕ од Охрид Александар Николоски.

Тој појасни дека Владата за ЕМО направила исклучок и ќе дозволи работниците кои имаат 5 или помалку  години до пензионирање да примаат надомест за технолошки вишок по стариот закон.

– Би сакал јавно и отворено да кажам дека излобиравме и се договоривме оваа бенифиција да важи за вработените во ЕМО така што вработените во ЕМО кои имаат пет години до пензионирање ќе можат да го користат стариот закон, рече Николоски.

Со законот се предвидува  несуштинските дејности да бидат ставени на продажба, а средствата ќе се употребат за унапредување на развојот. Моделот на трансформација на загубарот е поддржан од вработените, додека одредено незадоволство има кај менаџерскиот тим, посочи охридскиот пратеник Харалампие Шокароски, кој исто така го бранеше законското решение за ЕМО.

-Вработените се задоволни од овие пакети. Извесно незадоволство се јавува кај менаџерските тимови што мислам дека и е неоправдано. Никој не планира некого да изигра, целата вистина ја знаат пред се вработените во ЕМО, посочи Шокароски.

Законот не ја доби поддршката од опозицијата која гласаше воздржано. Според СДСМ ова е крај на фабриката која вработуваше 3.500 лица и извезуваше во целиот свет.

– На оваа Влада е обврската, а не привилегијата да ги плати придонесите за вработените. Не заборавајте дека Владата не ги плаќала придонесите и платите на ЕМО цели 6 години, забележа пратеникот на СДСМ Игор Ивановски.

Пратениците од опозицијата прашаа зошто во државниот буџет не се предвидени пари за обештетување на работниците ако законот е сериозен и осмислен, зошто во Законот за технолошки вишок нема одредба со која некои работници би земале надомест пет години пред пензија, а други со година и половина, како и  дали ова ќе биде земено како модел за да се постапи идентично и со другите три државни загубари, Охис, Тутунскиот комбинат Прилеп и Еуро композити.

Според проценките на Владата за реализација на предложениот пакет мерки за спас на „ЕМО“, ќе бидат потребни околу седум милиони евра.

Државата која е доминантен сопственик на акциите на АД „ЕМО“  претходно  шест пати се обиде да ја продаде компанијата по пат на тендер, но сите обиди завршија со неуспех.

OhridNews