Два натпревари, кои се одиграле во Лигата на шампиони, се наоѓаат на
списокот од 380 наместени натпревари одиграни на европскиот континент,
објави Европол на конференцијата за медиуми во Хаг.

Европската полиција не објави кои натпревари во ЛШ биле наместени, но
британскиот сервис „BBC“ пренесува дека еден од тие натпревари бил
одигран во Англија.

Европол, исто така, објави дека открил добро организирана криминална група од Азија, која ја раководела целата операција.

Според нивните информации, околу 425 судии, играчи, лица вработени во клубовите и криминалци, биле вмешани во целата операција.

Истрагата на Европол траела 18 месеци, а покрај двата натпревара во
Лигата на шампиони, на списокот се наоѓаат и неколку натпревари одиграни
во квалификациите за пласман на Европското и Светското првенство, како и
неколку натпревари одиграни во најсилните европски првенства.

Предвидувањата се дека луѓето кои ја раководеле целата операција
оствариле профит од осум милиони евра, а дека на оние кои биле
инволвирани во местењето на натпреварите им биле исплатени два милиони
евра.

Според истрагата на Европол, местењето на натпревари било организирано во 15 држави, а досега се уапсени 50 лица.

“Макфакс“