Државата подготвува нов тендер за изведба на градежни работи за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, на што најверојатно ќе работат повеќе специјализирани фирми. Ова доаѓа откако Управавата за заштита на културното наследство го раскина договорот со фирмата „Конструктор инженеринг“ која требаше да го гради културниот комплекс на Плаошник.

-Можеби ќе избереме повеќе фирми затоа што проектот е обемен и ќе го поделиме на повеќе делови, односно ќе ја поделиме работата на повеќе фирми кои ќе одговорат на задачата која претстои тука и која е света, изјави Паско Кузман, директор Управавата за заштита на културното наследство.

Од „Конструктор инженериннг“ засега нема официјален став во врска со раскинувањето на договорот, до што според Управата за заштита на културното наследство дошло поради непочитување на истиот.

-Договорот со „Конструктор инженеринг“ е раскинат најповеќе поради тоа што многу се одолговлекуваа работите, заради тоа што до ден денес компанијата не достави банкараска гаранција која е неопходна за да можа да течат работите и заради тоа што работите до сега не се одвиваат според зацртаната динамика, истакна Кузман.

И покрај тоа што веќе подолг период не се работи на Плаошник, а се уштте не се избрани ниту нови изведувачи, Кузман е оптимист дека нема да биде пробиен зацртаниот рок за изградба на карабинскиот дел од објектите, што треба да заврши до 2014 година.

-На ваков голем проект може да има промени, но главната цел ќе ја почитуваме и мислам дека до 2014 година ќе успееме екстериерно да го изградиме комплексот, додаде Кузман.

Според планот, на Плаошник треба да се изградат 23 објекти чија вредност се проценува на околу 9 милиони евра. Проектот ги скара централната и локалната власт кои имаат несогласувања околу надоместокот за комуналии, а оспоруван е и од  стручната јавност. Според неа се работи за мегаломански проект кој ќе го задуши просторот каде сега се наоѓа Св. Климентовата црква и бројните археолошки остатоци од минатото и може да го загрози статусот на Охрид како светско културно наследство заштитено од УНЕСКО.

Горан Момироски