Фер и навремено обесштетување за секоја земјоделска култура поединечно според просечниот принос на ниво на општина ќе овозможи новиот тип на осигурување кој од вчера им е достапен на македонските земјоделци.

Овој модел на осигурување ќе овозможи исплатата да се врши автоматски, наместо со теренска проценка. Ваквиот начин на обесштетување во земјоделието се применува во многу светски земји, а Република Македонија е прва од земјите во регионот која го воведува во пракса.

Како што информираа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, новото индексно осигурување ќе стартува со полиси за приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро ќе биде достапно и за пролетната пченка и винското грозје. Ова осигурување е развиено и поддржано од реосигурителната компанија Европа Ре и го нудат единствено домашните друштва.

Индексното осигурување ќе нуди ефикасна заштита на земјоделските посеви од сите видови временски непогоди – суша, поплава, мраз, поројни врнежи, град, во него се вградени најнапредните технологии за управување со ризици поради што претставува дополнителна сигурност за производителите. Исто така осигурувањето на приносите од екстремните временски услови ќе им помогне на земјоделците да го заштитат својот бизнис, а преку тоа и животниот стандард.

Податоците од Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека четири отсто од вкупните земјоделски стопанства во земјава купуваат осигурување. Во последните две години забележаан е голема стапка на раст на продажба на полисите. Во 2013 година во однос на 2012-та се продадени 52 проценти повеќе полиси, а во првата половина од 2014-та во однос на истиот период лани се продадени 40 отсто повеќе полиси за земјоделско осигурување.

OhridNews