Викендов во Кичево, во организација на Велосипедската федерација на Македонија и ВК Спидбајк од Кичево, се одржа првата велосипедска трка, друмски велосипедизам, од календарот на Федерацијата за оваа сезона.
На трката учествуваа седум клубови од Македонија кои се бореа за бодови на ранг листата на ВФМ. На трката, како гости, учествуваа и членовите на ВК Металац од Краљево – Србија. Охрид, преку двата клуба Екодром и З’ш точак, оваа сезона ја започна амбициозно.
На стартот, по два клубови имаа само Скопје и Охрид, но сите велосипедисти на охридските клубови, за разлика од членството на скопските, се охриѓани што е одличен показател за популарноста и перспективата на велосипедизмот во Охрид. Сите натпреварувачи во категориите кадети и јуниори од Екодром освоија бодови, а единствено на градите на кадетот Јован Јованоски прв пат сезонава заблеска македонското злато.
Јован со убедлива предност од 2 минути пред второпласираниот Дарко Девеџиќ од ВК Металац од Краљево, уште еднаш покажа дека Балканот е негов. Првото злато оваа сезона Јованоски го освои на силен меѓународен турнир на Фрушка Гора – Србија, но во дисциплина планински велосипедизам.
Во категориите јуниори и сениори, гостите од Србија им покажаа на своите домаќини дека друмскиот велосипедизам е тимски спорт. Добро организирани во меѓусебните смени на врвот, двајцата јуниори и еден сениор наметнаа темпо кое на крај им обезбеди предност од 12 минути пред најбрзиот македонски сениор Ивица Давидовски од Вело-М Куманово.
Двајца српски јуниори застанаа на највисоките позиции од категоријата и со себе ги однесоа златото и среброто, што го остави велосипедистот на З’ш точак Левент Рифад без бронза за кого немаше место на подиумот, но како и сите останати македонски велосипедисти, прокнижи значајни бодови за ранг листата на ВФМ како трето пласиран, веднаш пред четвртиот Андреј Хаџи-Василев од Екодром.
Велосипедистите се натпреваруваа во пет категории: сениори, јуниори, кадети, мастерс (ветерани) и жени. Сениорите и јуниорите возеа на релација Кичево-Прилеп-Кичево со должина од 130 км (со просечна брзина 40 км/х), додека останатите категории – половина од релацијата до превојот Барбарос со должина од 70 км (и просечна брзина 35 км/х).
Следната друмска трка закажана е за 29 април на релација Охрид-Дебар-Охрид и е во организација на ВФМ и ВК Екодром од Охрид, додека 1 мај закажана е првата трка во планински велосипедизам, повторно во Охрид, на патеката Крсти и во организација на ВФМ и Екодром.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com