Од општинскиот Црвен крст го најавуваат почетокот на новиот циклус од проектот Детски час  приказни за деца, кој се реализира во соработка со Американскиот мировен корпус во Македонија. 

Во тек е пријавувањето на заинтересираните за новите групи кои ќе започнат со работа на 10- ти и 11- ти февруари. Станува збор за едно креативно катче, каде децата се запознаваат и го изучуваат англискиот јазик на интересен начин, преку читање, пеење песни и креативни вежби, вели проект- координаторот при Црвениот крст, Мимоза Ставрева.


Со проектот се опфатени деца на возраст од четири до десет години. Часовите ќе се одржуваат секој четврток и петок, а децата ќе се поделени во две групи. Едната ќе ги опфати најмалите од четири и пет години за кои часот ќе трае 45 минути, додека за повозрасните од шест до десет години часот ќе трае 60 минути. Сесиите траат континуирано, освен за време на летниот распуст.


Нашите волонтери на децата им читаат приказни и смислуваат игри на англиски јазик и на тој начин  учењето на јазикот станува забава за децата, објаснува Николас Карлајл, волонтер во Мировниот корпус.


Колку ваквиот начин на изучување на јазикот е привлечен и интересен за децата за разлика од оној кој е вообичаен во образовниот систем покажува и големата заинтересираност која постои за посетување на ваквите часови, додава Тања Петровиќ, волонтер во општинскиот Црвен крст.

Општинскиот црвен крст заедно со Мировниот корпус- Македонија ја започна реализацијата на овој проект уште во септември 2009.

OhridNews