Стари, дотраени куќи во руралните средини во охридско автентично се реконструираат и адаптираат во туристички капацитети. Некои само се дотеруваат, а други се уриваат и градат од ново, задржувајќи го автентичниот етно стил кој ги привлекува туристите. Охриѓанецот Благоја Петрески на 15 километри од градот, во селото Завој гради голем туристички комплекс во стар стил, кој се очекува да ја збогати туристичката понуда во Охридскиот регион.

– Тука сум роден и желбата ми беше тука да изградам туристички објект, затоа што сум угостителски работник. Се надевам дека има иднина во етно турзимот, изјави Петрески.

Етно комплексот во Завој ќе има капацитет за сместување со 16 двокреветни соби, етно музеј и работилница во која туристите сами ќе можат да си изработат сувенир.

Во внатрешноста има стари предмети и орудија кои во минатото локалните жители ги употребувале во секојдневието.

-Одам по селата и собирам вакви предмети. Сите се интерсни, а би го издвоил сандакот опшиен со кожа на бегот од Битола од 1894 година, кој успеав по доста време да го купам и многу други интересни предмети и носии.-истакна Петрески.

Кога ќе биде готов, етно комплексот во Завој ќе ги отвори вратите за туристите од земјава и странство, кои го преферираат руралниот туризам.

Г.М.