„Еј Би Си“ е името на најновиот видео-запис на охриѓанецот Антонио Ристески и неговиот музички проект „Само Тони и Две Жени“, кој во текот на вчерашниот ден беше промовиран на „Youtube“.
Се работи за преработка на популарната македонска песна на „Нокауат“, „ABC“, снимана на плажата „Cuba libre“.
„Аудиото е изработено од охриѓанецот Димче Китрозоски, а видеото од Пеце Настевски. Сакавме да изработиме македонска песна, со која би се претставиле во најдобро светло, но и воедно да останеме и доследни на тоа како звучиме и што свириме за време на нашите настапи.“ – вели охридскиот музичар Антонио Ристески.
Изминатиов период, овој надежен музички колектив беше дел од престижниот „Балкански Младежки Фестивал“ во соседна Бугарија, едно од најголемите меѓународни збиднувања на младите од Југоисточна Европа.
„Поминавме прекрасно и бевме пречекани како вистински ѕвезди со сите почести. Ни претставува задоволство што бевме поканети повторно да настапиме наредната година, на 20 годишниот јубилеј на фестивалот.“ – објаснува Ристески.
На крајот од месец август, „Само Тони и Две Жени“ пред преполното ракометно игралиште во Битола, настапија како специјални гости на големиот концерт на групата „Нокаут.
„Соработката со „Нокаут“ ни беше уште една отскочна даска, со тоа што имавме можност да се претставиме пред огромна маса народ. Имавме чест да ја забавуваме битолската публика во наш стил.“ – потенцира охридскиот џез-музичар.
Ристески смета дека во „екот“ на туристичката сезона на Охрид му се неопходни повеќе музички збиднувања, кои ќе придонесат не само за збогатување на туристичката понуда во градот, туку и за поголема промоција на македонските музичари.
„Штета за македонските настапувачи кои со себе имаат огромен квалитет, а често не се покануваат од страна на организаторите. Како пример ќе набројам Влатко Стефаноски, Дамјан Пејчиноски, Ареа, Архангел, Суперхикс и други. Мора Охрид повеќе да се издигне на културно поле и како за почеток, да се изгради еден културен центар наменет за секакви уметнички збиднувања.“ – завршува Ристески.
Инаку, нашиот сограѓанин досега има настапeнo на повеќе манифестации и фестивали ширум земјава, како Виноскоп во Скопје, Баскерфест Македонија, Фестивалот Т’к так во Кавадарци, вкулучувајќи ги и настапите со Сашо Гигов-Гиш во Домот на млади во Штип.
OhridNews