Нов Здравствен дом, изграден по највисоки светски стандарди ќе добие Охрид, ова беше најавено на трибината што синоќа се одржа во  големата општинска сала , а на која учествуваа градоначалникот, Јован Стојаноски и министерот за здравство, Венко Филипче.

Здравствениот дом е предвидено да се изгради во рамки  на охридската Општа болница, а изработувачи на проектот се професорите Зорица Блажевска и Саша Тасиќ, од Архитектонски факултет од Скопје. Објектот е составен од две блоковски структури, приземје и кат и приземје и два ката, од каде што излегува мала административна кула, потенцира професорката Блажевска за време на презентацијата.

Проектирање на ваков објект е сложен процес затоа што има голем број на служби кои треба добро да се сместени, да имаат диференцирани пристапи и автономност на сите функционални групи. Во новиот современ здравствен дом ќе бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, примање инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија. Блоковските структури имаат средишно поставени атриуми со цел сите содржини во објектот да се природно вентилирани и осветлени. Двата објекти се поврзани хоризонтално со коридор, а вертикалната комуникација е со скали и лифт, истакна Блажевска.

Целта на новиот Здравствен дом е пациентот да добие интергрирана услуга, односно сé да биде на едно место, истакна на презентацијата министерот за здравство, Венко Филипче.

– Проблеми во овој сектор има многу, со недостиг на кадар, доктори, медицинкси сестри, огромни долгови, заглавени инвестиции, судски спорови и друго. Па, сакаат како министерство преку дебати да слушнат од граѓаните какви се потребите за да се најде идеалното решение. Планот со новиот здравствен дом е нова форма која сакаме да ја имплементираме, а тоа е да дислоцираме амбуланта од едно на друго место бидејќи старата е нефункционална несоодветна, подвлече Филипче според кој болниците во Охрид се одлични регионални центри кои нудат врвни услуги  и затоа треба во нив да се инвестира и вложува.

Министерот Филипче информира дека ќе продолжи изградбата на новото крило во болницата Св.Еразмо, кое се гради по највисоки светски стандарди. Според  Филипче во Охрид има одлични услови за развој на здравствен туризам и во иднина државата со поддршка на општинската власт активно ќе работи на создавање услови за развој на ваков тип туризам.

Заменик-градоначалникот Константин Георгиески на средбата откри дека овој проект произлегол како резултат на една неформална средба помеѓу министерот за здравство и градоначалникот Стојаноски пред неколку месеци.

– Тогаш, како реазултат на долгогодишната потреба за изградба на Здравствен дом во Охрид, почнавме да бараме решенија, првично преку некои стари проекти. Откривме еден проект кој веќе беше изработен и со голем ангажман успеавме да го приведеме при крај. Се надевам дека со сериозни заложби од Министерството, локалната самоуправа и министерот Филипче, ќе дојдеме до финална реализација, истакна Георгиески.

Пред присутните се обрати и пратеничката Жаклина Лазаревска која додаде дека охриѓани веќе долг период бараат да се изгради еден современ Здравствен дом, каде ќе ги добијат потребните здравствени услуги.

OhridNews