Врз основа на програмата на Извидничкиот Одред Пионер, вчера, по повод Патрониот празник на Охрид, во Извидничкиот Центар, нова генерација на развигорци (најмлади членови извидници) во присуство на своите родители свечено дадоа извиднички завет и ја добија извидничката марама.
Симболиката на давање на извидничкиот завет датира од самото основање на извидништвото од далечната 1907 година чиј текст е унифициран и во него се содржани основните начела на извидничката организација. Извидникот при тоа се обврзува да ги почитува извидничките закони, да им помага на луѓето, да ја запознае и сака својата татковина и да ги разбере духовните вредности.
По давањето на заветот извидниците и официјално се примаат во големото извидничко семејство и продолжуваат да живеат под мотото Еднаш извидник-засекогаш извидник.
– Како за другите тековни активности, така и за овај настан нашиот одред во континуитет добива признание од Сојузот на извидници на Македонија и од институциите од европско и светско ниво со што активно придонесува Охрид да биде на картата на градови во кои извидничкиот дух живее и опстојува. Со приемот на нови и најмлади членови во редовите на одредот членството се зголемува со што се зголемуваат потребите за соодветни услови за работа со децата, велат од „Пионер“.
Оттаму со апел до надлежните за изнајдување на соодветен простор за работа на извидниците во градското подрачје, простор во кој ќе можат самостално и непречено во текот на денот децата да творат и ги покажат своите научени вештини, да се дружат и споделуваат знаење.
OhridNews