Со цел  да се направи транспарентна категоризација на хотелите и да се подигнат стандардите  на сместувачките капацитети во Република Македонија, Министерството за економија најави нов Правилник за категоризација на угостителски објекти. Пред да бидат официјално усвоени, новите нацрт-критериуми за категоризација, ќе бидат презентирани пред туристичките работници,  на јавна расправа, која ќе се одржи идната седмица.

-На хотелиерите ќе им биде оставен рок од две години за да ги прилагодат објектите на новиот Правилник, а дотогаш во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе се спроведеме низа контроли за да се види како се спроведува категоризацијата, рече министерот за економија, Ваљон Сарачини на вчерашната прес-конференција.

Тој појасни дека со измените на Правилникот хотелите со една и две ѕвездички треба да имаат најмалку 10 соби, оние со три ѕвездички 15, а хотелите со четири или пет ѕвездички најмалку 20 соби. Во сите хотели треба да има можност да се плаќа со кредитни картички.

– Хотелите со четири ѕвездички како дополнителна содржина треба да имаат базен, а со пет ѕвездички задолжително е да имаат базен, фитнес и спа центар. Зголемена е и квадратурата на собите на 14 метри квадратни за еднокреветна соба за хотел со пет ѕвездички, 12 метри квадратни за хотел со четири ѕвездички, рече Сарачини.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат Елизабета Чингаровска појасни дека во Правилникот е предвидено зголемување на казните за непочитување на категоризацијата.

– Досега при контролите само укажувавме доколку категоризацијата на угостителскиот објект не беше истакната  и дававме рок да се прилагоди што во многу случаи беше злоупотребувано. Со измените ни се дава можност да изречеме забрана за вршење дејност во рок од 30 дена, а доколку нема доказ за извршено усогласување да изречеме казни од 1.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 200 евра за одговорното лице, рече Чингаровска.

Инаку во Македонија има околу 200 сместувачки објекти од кои 190 се категоризирани, а од нив 11 се хотели со пет ѕвездички.

OhridNews