Во авторство на литературниот деец, публицист и полиглот Мишо Јузмески, деновиве излезе од печат неговата осма книга, а прва објавена целосно на англиски јазик, со наслов „Explore Ohrid“ (Истражи го Охрид).

Книгата е туристички водич, но она што ја прави посебна е тоа што Јузмески ја претставува општината Охрид во целина како единствен туристички производ.  Тука се претставени сите охридски цркви, џамии, музеи, јавни институции и урбани заедници, а посебен простор им се посветува на руралните населби, со што книгата треба да одигра голема улога во развојот на руралниот и културниот туризам.

Додека светска практика е авторите да сугерираат што да се посети, Јузмески во својата книга со големата и разнолика понуда остава на читателот да оцени што е интересно за него и како да дојде до културните и природните знаменитости.

Од историјата

Ова е прв сеопфатен водич за патувања во градот Охрид и околината, во границите на Општина Охрид. Тој ќе им служи и на патниците кои го посетуваат Охрид за кратко време и на оние кои планираат да останат со месеци или години.

Прв обид за туристичко претставување на градот Охрид и Охридското Езеро бил во 1887 година кога туризмот, како што го познаваме денес, не постоел. Во тоа време, освен неколку авантуристи и научници, сите други посетители биле трговци и службеници на Отоманската империја. Климент Заров подготви и отпечати мапа на градот Охрид и Охридското езеро. Во меѓувреме, разни странски уметници го посетија Охрид. Тие направија бројни фотографии и цртежи кои денес имаат извонредно документарно значење, но без големо влијание кај масите во времето кога првично беа произведени. Во овој контекст, цртежите на англискиот Едвард Лир (1812–1888), и фотографиите на унгарскиот др. Јозеф Секели (1838–1901), Французинот Аугуст Леон (1857–1942) и Германецот Курт Хилшер (1881–1948) се примери.

Меѓувоениот период ги означува првите обиди да се патува до Охрид за задоволство, со акцент на пливање или едрење по езерото. Значителното зголемување на развојот на туризмот е поврзано со втората половина на минатиот век и во тој период се појавија првите туристички водичи. Нивната најзабележителна карактеристика беше прекумерниот акцент на квалитетот на хартијата и фотографиите, додека текстот беше ограничен на описот на стариот град каде доминираат неколку средновековни цркви. Овој тренд се одржува до почетокот на 21 век.

Со ова издание што го држите во рацете, имам намера од темнината на непознатото да ги извадам сите оние места во Општина Охрид кои досега беа скриени, пишува авторот.

Вклучувањето на светски познати споменици на културата е неизбежно, па не случајно значителен простор тука им е посветен на црквите Света Софија и Света Богородица Перивлепта и некои други средновековни цркви и манастири. Од друга страна, оваа книга ги посочува непосетените села кои треба да му се отворат на патникот со нивните засега непознати атракции. Исто така, се наведени сите цркви и џамии и други места кои може да бидат интересни за посета. Понатаму, тука се дадени примарни информации за Република Македонија, како и практични совети што ќе го направат вашиот престој во Охрид попријатен. На крајот на краиштата, се даваат предлози за еднодневни патувања до најпознатите и други достапни места со интерес. – вели Јузмески.

Авторот на книгата работел повеќе од една година

На Јузмески му требало речиси една година да ја создаде оваа книга. За тоа време добивал поддршка и корисни сугестии.

За цело време, покрај тоа што ја дизајнирав и пишував книгата, поминав многу време во истражување и верификување на долгогодишно знаење. Имав поддршка од моите пријатели во текот на целиот процес на креирање на овој водич. Мојот холандски пријател со фризиско потекло, професионалниот преведувач Риц А. Молема, ми даваше предлози за тоа како би изгледала книгата и за нејзината иднина на пазарот на книги. Улогата на уредникот е исклучително важна: Џејн Симпсон ги разгледа сите страници, барајќи најмали пропусти и давајќи предлози во насока на подобрување на текстот и целокупниот изглед на книгата, вели Јузмески.

Издавач е НУ Библиотека „Григор Прличев“, Охрид. Со години постои соработка помеѓу авторот и Библиотеката која досега има издадено неколку негови книги.

Уредник на книгата е Џејн Симпсон, која својата љубов кон Македонија ја има докажано и со тоа што пред неколку години засекогаш ја напушти родната Англија и се пресели во стариот дел на Охрид.

Веле Митаноски