Охридски вистини, приказни и случки од минатото за некому познати, за некои непознати, охриѓани ќе може да ги прочитаат во новата, денес промовирана  книга на долгогодишниот новинар, кој веќе подолг период се занимава со истражувачко документарна дејност, Илче Стојаноски. Како што потенцира заменик градоначалникот , Ангел Јанев на промоцијата ,  авторот при реализацијата на оваа книга, како и останатите три претходно издадени книги за минатото на Охрид, тргнува од фактот дека заборавот на некогашниот Охрид, животот, работата и неговото опстојување би значело катастрофа за охридското и македонското битие.

Она што не е запишано како и да не се случило, како и да не постоело и од тој аспект постои опасност од сеќавањата да исчезнат многу нешта кои се од голема вредност за македонската, охридската и воопшто целата човечка историја. Историјата е жива материја која постојано доаѓа до нови факти и ги проверува веќе истражените и проверените, па од принципиелна гледна точка фактите треба да се конфронтираат за да се дојде до најоптималните заклучоци, оценки и констатации. Такви конфронтации се изнесени во последната книга на Стојаноски, но сето тоа во интерес на вистината, додаде Јанев.

Промоторот на книгата „ Охридски вистини- случки, приказни и факти од минатото“, Владо Жура, истакна дека Охрид со неговото минато преставува непресушен извор на случки и приказни. Дел од нив се раскажани во новата книга на Стојаноски. Меѓу нив приказната за тажната и сурова судбина на едно семејство поради подигањето на еден ѕид, народните преданија за Крст- џамија, приказната за охридските Ромео и Јулија, потеклото на некои од охридските фамилии, нивните судбини, настани од повеќевековниот османлиски период од времето на Џеладин бег, судбината на христијанката Ташула сопругата на бегот.

Новата книга на Стојаноски на своите 120 страници ни донесува безмалу две дузини написи преточени на достапен и секому приемчив приод, познати и помалку познати случки, приказни и факти од минатото на нашиот вековит град почнувајќи од ликот и делото на Свети Климент Охридски, па движејќи се наваму низ историјата се до денешен ден, рече промоторот Жура.

Авторот Илче Стојаноски, на сите кои се занимаваат со истражување и докажување им порача сериозно да се зафатат со работа и да продолжат, затоа што има простор и теми кои сеуште не се истражени, а и не се докажани.

Во секојдневниот живот се случуваат разни случки, тие случки се прераскажуваат и стануваа приказни, значи приказната пред да стане приказна била вистина. Затоа се одлучив оваа книга да ја насловам „ Охридски вистини- случки, приказни и факти од минатото“  бидејќи се што е изнесено во неа е вистина. Факти за да се потврдат вистините , рече Стојаноски.

Ова е четврта книга на Стојаноски во која се зборува за минатото на градот. Автор е и на книгите „ Охридски времеплов“, како и двете книги „ Кажвиме за да не се заборајт“.

Т.К.