Во Министерството за транспорт и врски вчера беа отворени барањата пристигнати по јавниот повик за доставување барања за учество во постапката за доделување концесија за вршење на работите на изградба, одржување, наплата на патарина и користење на дел од државните патишта во Република Македонија, кој беше објавен во домашните, меѓународните медиуми и на интернет. Барања за учество во постапката доставија вкупно 8 компании.
Предметот на концесија опфаќа вршење на работите за изградба, реконструкција, одржување, наплата на патарина и користење на патните правци во два пакети. Во првиот пакет предмет на концесија се патните правци Крива Паланка – Романовце, Кочани – Штип и Миладиновци – Штип, преку Свети Николе, како и вршење на работите на одржување, реконструкција, наплата на патарина и користење на патните правци Миладиновци – Скопје и обиколницата на Скопје. Во вториот пакет, се патните правци Стенковец – Блаце и Гостивар – Ќафасан и правецот Гостивар – Тетово – Скопје.
Иако имаше најави засега не е распишан тендер за автопатско поврзување на Охрид со Битола.
Во следниот период следува постапката за претквалификација во која Комисијата ќе утврдува дали заинтересираните страни имаат соодветна економско–финансиска и техничка способност за спроведување на концесија од овој вид и обем. Заинтересираните страни за кои ќе се утврди дека ја имаат бараната способност ќе се поканат да подигнат тендерска документација и достават понуди, односно да учествуваат во втората фаза на постапката. По доставувањето на понудите истите ќе се евалуираат, при што ќе се избере најповолниот понудувач, информираат од Министерството за транспорт и врски.











