Во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“ денес беше испорачана новата опрема трактор со цистерна за фекалии за ЈП „Нискоградба“ Охрид и трактор со плуг за чистење снег и соларка за ЈП „Охридски Комуналец“.

Општина Охрид, во рамките на своите надлежности како основачи на Јавните комунални претпријатија, а, пред сѐ, водени од грижата за квалитетно испорачани услуги кон крајните корисници, како ЕЛС се вклучивме во регионалниот проект „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“, што го реализира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Во рамките на активностите на проектот, денес, ја промовираме опремата која е испорачана за ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Охридски Комуналец“, а станува збор за современи трактори од најновата генерација на мешовитата компанија Солис Јанмар, која е спој на две еминентни компании- Индиската Солис, позната во светот по производство на трактори и Јапонската Јанмар позната по производството на мотори за трактори.  ЈП „Нискоградба“ од денес поквалитетно ќе ја врши услугата за чистење на канализационата мрежа и за таа намена покрај тракторот набавена е најсовремена цистерна за фекалии со носивост од 6000 l. За ЈП „Охридски комуналец“ набавен е трактор со плуг со ширина од 2,5 m за чистење на една коловозна лента и соларка од 1200 l со современи хидраулични решенија за ефикасно справување при падавини на снег и појава на голомразица, рече Пецаков.

Наскоро се очекува да биде испорачана опрема и за ЈП „Водовод“ од Охрид, додаде Пецаков.

Вкупната вредност на набавената опрема е 3,2 милиони денари, при што еден дел од средствата се обезбедени преку централниот буџет на државата, преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој, а значаен дел на средства се обезбедени и од страна на Општина Охрид.

На настанот зборуваше и директорка на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска која пред присутните ги презентира резултатите од регионалните проекти што се реализираат од домашни извори преку Бирото за регионален развој како и од донаторската заедница. Вкупната сума на проектите кои се реализираат во деветте општини во регионот е 106 милиони денари.

OhridNews