Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска потпиша 2 договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.

Со овие два договора, информираше Меџити е опфатено снабдување на општините со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.

Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, изјави Меџити.

Опремата, согласно доставените барања од општините, посочуваат од Министерството, се состои од пластични канти со капацитет од 120 литри, метални контејнери со волумен од 1.1 м³, специјализирани камиони-компактори со капацитет од 8 и 12 м³, скип-лифт возила за собирање на отпад, како и камиони-кипери за транспорт на отпаден материјал.

Новата механизација овозможува поефикасно собирање, транспорт и управување со отпадот и ќе се стави во функција на подобра јавна хигиена и заштита на животната средина. Со неа директно се подобруваат условите за работа на општинските јавни претпријатија и се овозможува поголема достапност на комуналните услуги за граѓаните, додаваат од Министерството.

Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.

OhridNews