Министерството за транспорт и врски на својот интернет-портал, креира јавна анкета на која сите заинтересирани можат да учествуваат во изборот на најдобро идејно архитектонски урбанистичко решение за уредување на 500 метри плажа на Охридското Езеро, која се наоѓа во непосредна близина на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ на територијата на општина Дебрца.
„Целта на проектот е да се овозможи користење на водената површина, како и можност за рекреација на предметната локација со што ќе се овозможи континурано користење на истата преку текот на целата година. Создавање на атрактивен простор кој во себе содржи потенцијал да биде пандан на веќе постоечките понуди на Струшко-Охридската ревиера, а и од особено значење за туристички и економски развој на општина Дебарца.“ – информираат од Министерството за транспорт и врски.
Предвидена е плажата да се изгради согласно највисоките туристички стандарди, без нарушување на еко-интегритетот на околината. Планирана е песочна површина која би се изнивелирала со соодветен автохтон песок, хортикултурно и партерно уредување на локацијата со клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали, простор за чадори за сонце и лежалки, а на капалиштето треба да биде обележан просторот за капење со бови.
Исто така, предвиден е и сервисен пункт кој ќе се состои од шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити.
„Откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за нивно уредување согласно изработените основни проекти.“ – велат од ресорното министерство.
По завршување на електронската анкета, Министерството за транспорт и врски ќе донесе Решение за доделување на награда и откуп на доставените идејни решенија.
OhridNews