Со потпишување на договорот помеѓу општина Охрид и транспортната компанија и ТА „ Делфина Турс“ која неодамна стана сопственик на земјиштето на кое ќе се гради новата Автобуска станица, и официјално се означи стартот на финалните подготовки за градење на овој долго најавуван капитален проект.

Објектот ќе се гради на површина од 12000 метри квадратни. Предвидено е објектот да има приземје, четири ката и поткровје. По денешното потпишување на договорот, во рок од 30 дена, инвеститорот има обврска да го изработи проектот според кој ќе се гради. Инвеститорот има обврска да прибави одобрение за градба во рок не подолг од една година , а во период од 2 до 4 години во целост да го реализира проектот, односно да ја изгради автобуската станица и да ја стави во употреба.

Сопственикот на „ Делфина“, Аднан Исмаил, не откри детали околу изгледот на новата Автобуска станица, но потенцира дека ќе биде една од најубавите во Македонија и пошироко.

Изградбата на автобуската станица ќе значи просперитет, афирмација и враќање на имиџот на градот. Нашата компанија и е добро позната на охридската јавност, бидејќи присутни сме повеќе од една година на редовните линии Охрид- Кичево- Скопје, при што имавме можност да ја добиеме довербата на граѓаните воведувајќи модерни и побрзи, сигурни и навремени возила кои ги задоволуваат модерните стандарди во сообраќајот. Во моментов се работи на потребната документација и прибирање дозволи со цел што поскоро да се започне градбата. Проектот е во фаза на изработка,  но можам да ветам дека ќе имате најубава Автобуска станица во Македонија и поширокиот регион, рече Исмаил.

На одржаната јавна лицитација за продажба на градежното земјиште реномираната транспортна компанија „ Делфина турс“ од Скопје стана сопственик на градежната парцела, чија почетна цена беше 3170 денари, а на јавната аукција беше постигната цена од 3487 денари. Инвеститорот на сметката на општина Охрид уплати 41.833.540 денари. Од нив 80% се за општината, а 20% за министерството за транспорт и врски.

Тргнувајќи од фактот дека инвеститорот до сега ги испочитува сите предвидени временски рамки и законски обврски согласно огласот, очекуваме во законски предвидените рокови кои ќе следат од постапката, да ги реализира своите ветувања. Во минатиот период за жал имавме една импровизирана автобуска станица која не беше угледно место за гостите кои тука го остваруваат својот прв контакт со градот .Со изградбата, овој дел од градот ќе биде втор центар каде во иднина ќе се изградат и други објекти, што ќе значи заживување на овој дел, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Градоначалникот додаде дека самата ивестиција е можност за полнење на општинскиот буџет, реализација на други проекти, ангажирање на локални компании кои ќе се вклучат во изградбата и креирање на нови работни места.

Т.К.