Новата Галерија на икони која по повод 180- годишниот јубилеј од изградбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица- Каменско“ беше отворена во септември, засега ја посетуваат само ретки странски туристи кои ќе дојдат во црквата.


Галеријата во која е изложена постојана поставка на најспецифичните иконописни дела кои и припаѓаат на оваа црква, пред се поради нивната голема вредност, заслужуваат да бидат видени од што поголем број посетители и да стане дел од туристичките прошетки со професионални водичи низ градот,    потенцира старешината на црквата во Каменско, отец Димче Азески.


Во наредниот период ќе поработиме на поголема промоција на галеријата која заслужува да биде видена од што поголем број посетители. Засега тоа се ретки гости од странство кои ќе дојдат во црквата и ќе пројават желба да ги видат и иконите, додава отец Димче.

Еден од иницијаторите за отварањето на оваа галерија е проф. д-р Сашо Цветкоски, кој долги години работи како исторажувач на средновековната уметност и е директор на НУ Музеј „Др.Никола Незлобински“ во Струга.


Во галеријата се изложени 48 икони, како и неколку црквени и богослужбени книги. Поставката содржи неколку икони од 18- тиот век но преовладуваат икони од 19- тиот век и неколку икони од самиот почеток на 20- тиот век. Иако се работи за поставка во која влегуца иконописот од доцниот среден век и времето на Преродбата, истата содржи вредни икони  со особени белези, објаснува д- р Цветкоски.

Најстарата икона во галеријата датира од 1740 година, а меѓу најинтересните се вбројува иконата на Богородица од 1835 година, дело на Данил монах од Самарина, икона сликана во манастирот Св. Јован Бигорски, и подоцна подарена на црквата во Каменско.


Д- Р Сашо Цветкоски е автор и на каталогот во кој е претставен репрезентативниот иконопис на црквата.

Галеријата е отворена за посетителите секојдневно и за да се видат изложените вредни икони треба да се платат само 50 денари.

Т. Кувенџиска