Сè е подготвено за второто издание на Adriatic Teqball League (ATL). Најдобрите текбол играчи во светот ќе започнат борба за „јадранската круна“ токму од македонскиот бисер. Охрид кој ќе биде домаќин на првиот турнир од новата сезона на Јадранската Текбол Лига, која почнува оваа сабота, 14 јуни.

На првиот од петте ATL турнири планирани за оваа сезона, ќе се игра во две категории – машки сингл и машки дубл, со предвиден награден фонд од 3.000 евра.

Натпреварувањето ќе се одржи во две фази – првата фаза е планирана во спортската сала на Основното училиште „Григор Прличев“, додека втората фаза ќе се одвива на Градскиот кеј „Македонија“, атрактивна локација покрај Охридското Езеро.

Покрај учесниците од земјите во регионот – С.Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција и Албанија – годинава ќе учествуваат и текери од целиот свет.

Особена чест ми е што организаторите на Јадранската лига повторно нè избраа за технички организатори. Како релативно нов спортски настан во овој регион, тој претставува дополнителна мотивација и предизвик за нас. Добро организиран настан придонесува Текболот да стане сè попопуларен и кај нас. Сумирајќи ги впечатоците од минатогодишната лига, доаѓаме до заклучок дека ваквите натпреварувања носат свежина во градот, а истовремено можат да послужат и како дополнителна туристичка понуда. Сакам да изразам голема благодарност до Општина Охрид, особено до градоначалникот Кирил Пецаков, кој даде отворена поддршка за организацијата на овој настан и со тоа ни дава „ветер во грб“ за целокупната реализација. Исто така, им се заблагодарувам и на организацијата Adriatic Teqball League што повторно ни укажа доверба како ГФК Охрид Лихнидос да бидеме технички организатори на овој значаен настан. – изјави спортскиот директор на младинските категории на ГФК Охрид Лихнидос, Коста Трифуноски.

Охрид, град со богата историја и место на средба на култури, веќе повеќе од 40 години се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО. Со Охридското Езеро како природен бисер, градот претставува идеална дестинација за промоција на Текболот – урбана спортска дисциплина која подеднакво успешно се игра и во затворен и во отворен простор. Турнирот во Охрид ќе биде совршен спој на спорт, рекреација и туризам.

Ме радува што овој настан полека, но сигурно, прераснува во убава спортска традиција. Исто така, и овој спорт станува сè попопуларен и привлечен за младите генерации. Сакам да изразам голема благодарност до организаторите што повторно го избраа Охрид за одржување на Јадранската лига. Со тоа, Охрид ќе има можност да им понуди уште една атракција и на гостите, и на своите граѓани. Се надевам дека и годинава ќе го оправдаме епитетот на добри домаќини. Добредојдовте во Охрид – градот на светлината! – изјави градоначалникот на Општина Охрид, г. Кирил Пецаков.

Завршницата на турнирот – полуфиналињата и финалињата во двете категории – започнуваат во 18 часот. За сите што нема да имаат можност да бидат присутни на Градскиот кеј „Македонија“ во сабота, организаторот обезбеди и пренос во живо.

OhridNews