Седницата за избор на новата влада е закажана за утре, вторник, со почеток во 11 часот. Зад утврдениот персонален состав на владата застанаа СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците. Засега не се знае дали БЕСА ќе ја подржи новата влада. Ова движење денеска информираше дека нема да го објави документот со своите принципи кои не беа прифатени од СДСМ.

Во Собранието денеска не се одржа вообичаената координација на политичките партии, бидејќи ВМРО ДПМНЕ не доаѓа на истите. Каков ќе биде ставот на партијата и дали нејзините пратеници ќе присуствуваат утре на седницата на која треба да се расправа за новата влада, најавија став подоцна во текот на денот.

Мандатарот Зоран Заев денеска изрази оптимизам дека новата влада ќе ја добие поддршката и дека има капацитет да издржи четиригодишен мандат. Прва мерка која тој ја најави доколку владата биде изгласана до среда ќе биде укинување на екстерното тестирање. Во владината програма во економскиот дел се предвидува минимална плата од 16.000 денари и просечна од 30.000 до крајот на мандатот, за што се најавуваат сет мерки за помош на бизнисот, намалување на сиромаштијата за 20 проценти, фер тендерски постапки и субвенции за земјоделците од 160 милиони евра годишно.

OhridNews

Утврден составот на идната влада