Повеќе од 60 деца на возраст од 7-12 години од ООУ „Св. Наум Охридски“- Пештани беа дел од проектот „Учиме да ткаеме“ кој се реализираше како дел од годишната програма на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Го видоа и процесот на стрижење на волната и научија како понатака волната се обработува за да стигне до нишка за ткаење. Следуваше презентација на традиционално ткаење на разбој во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга и секое дете имаше можност да види разбој, да седне и да се запознае со начиниот на ткаење.
Проектот, велат, продолжил со посета на Куќата на Робевци каде што децата се запознале со тоа што е Музеј и која е работата на музејот.
Во рамките на посетата децата ја разгледаа етнолошката поставка во куќата, имаа можност да видат многу музејски предмети меѓу кои и предмети изработени од волна со процес на ткаење. Користејќи дел од музејските експонати (гребени, фурка, вретено) децата го видоа процесот на влачење и традиционалното предење на волната. Непосредната работа на децата на рамки за ткаење се одвиваше во музејскиот културен центар Лапидариум каде што секое дете изработи производ според својата идеа и замисла и најважно со свои раце.
Водители на проектот биле дипл.инж.технолог Митаноска Билјана-конзерватор; Мишева Оливера -виш кустос етнолог, додека членови на стручниот тим: Иван Малезанов -кустос археолог; Катерина Велкоска-кустос историчар на уметност.

Од НУ Завод и Музеј упатуваат благодарност за соработката при реализација на проектот до директорката на ООУ„Св.Наум Охридски“- Пештани Валентина Рубаноска и наставниот кадар на училиштето, директорката на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“-Струга – Цветлана Василевска, Стојан Петкоски- сопственик на трлото, Велика Нестороска -чувар на ткајачката вештина и Весна Илинчев -презентер на традиционалното предење.

НУ Завод и Музеј покрај својата редовна стручна дејност продолжува посветено да работи и на едукативни активности со цел запознавање и доближување на младите со корените и традицијата и промовирање на нашето богато материјално и нематеријално културно наследство.
Проектот е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
OhridNews













