Владата на Република Македонија димензионираше нова програма за субвенционирање на вработувањето на млади лица на возраст помеѓу 19 и 29 години кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, односно од семејства кои се корисници на социјална парична помош. Приоритет за поддршка при субвенционирањето на вработувањето ќе имаат лицата кои во текот на оформувањето на своето средно образование го користеле Условниот паричен трансфер кој им го овозможувала Владата во висина од 12 000 денари на годишно ниво, но Програмата ќе важи и за оние кои не го користеле трансферот, а имаат помеѓу 19 и 29 години и потекнуваат од семејства кои се корисници на социјална парична помош.

Предвидениот износ на субвенција кој ќе го обезбеди државата  изнесува 14 000 денари бруто плата по вработен месечно, која ќе се исплаќа на нововработеното лице во период од 6 месеци, како и 3 000 денари месечно кои ќе се исплаќаат на фирмата која ќе го ангажира лицето, за истиот период од 6 месеци, како надомест за трошокот за обука за ново вработеното лице, информираше владиниот портпарол Александар Георгиевски.

По завршувањето на шесте месеци за кои трошоците на новото вработување паѓаат на товар на државата, фирмата има обврска работникот да го задржи на работа уште најмалку 6 месеци, за што претходно ќе потпише договор со Агенцијата за вработување.

За имплементација на оваа програма Владата има наменето околу 3 милиони  евра, во тек на првите три години на нејзината предвидена имплементација, што значи обезбедување на можности за работа за околу 1500 до 1800 лица, или на годишно ниво помеѓу 500 и 600 лица, се разбира во зависност од интересот на лицата кои бараат работа и работодавците.

Мерката ќе се имплементира на ниво на целата држава, а за нејзина имплементација ќе бидат задолжени подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување и Центрите за социјална работа.

OhridNews