Владата одлучи од следната недела да започне процесот на вработување на 2000 лица кои ќе бидат ангажирани за вршење на јавни работи во период од 6 месеци. За оваа цел, Владата обезбеди и ќе бидат ангажирани 1 милион евра. Исплатата ќе се врши преку општината која ги има ангажирано работниците, информираше владиниот портпарол Александар Георгиев.

-Ќе бидат работно ангажирани моментално невработени лица, со ниска квалификација или повозрасни лица од 55 годишна возраст.Лицата ќе бидат ангажирани за период од 6 месеци. За време на работниот ангажман ќе добиваат финансиски надомест од 7.600 денари за лице месечно, во кои е вклучено и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување, истакна Георгиев.

За време на обезбедување на финансиската поддршка, ангажираното лице не ги губи правата по основ на невработеност, односно доколку користи ваков социјален трансфер, тој додека трае ангажманот ќе биде ставен во мирување, а по завршувањето на ангажманот повторно ќе има правна сила. Лицата го задржуваат и правото на здравствено осигурување, појасни Георгиев.

Лицата кои конкурирале за работно ангажирање веќе ги поднеле своите апликации до општините, кои доставиле проекти до Владата. Георгиев соопшти дека се одобрени сите 75 поднесени проекти, од уредување на јавни површини, хигиена, уредување на простори, хортикултура итн..

-Во текот на следната недела од понеделник секоја општина ќе биде известена за прифаќањето на нивниот проект за работно ангажирање на невработени лица. Исто така, ќе бидат потпишани тристрани договори помеѓу Агенцијата за вработување, општината и невработеното лице кое ќе биде работно ангажирано, рече Георгиев.

Владиниот портпарол информираше дека исто така, преку општини, во идниот период ќе бидат работно ангажирани уште дополнителни околу 2000 лица за вршење на јавни работи.

-Со оваа мерка на Владата, во соработка со општините, работно ќе се ангажираат околу 4000 лица, кои ќе добиваат финансиски надомест од 7600 денари месечно, во траење од 6 месеци, со почитување на сите нивни права. Тоа е конкретна мерка за подобрување на состојбата на овие лица, за стекнување на нови вештини кои се потребни за засновање на траен работен однос. Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки за поттикнување на вработувањата, додаде Георгиев.

OhridNews