Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен оглас за вработување на четири лекари за потребите на охридската Општа болница.

Огласот согласно законските прописи ќе трае 5 дена по што ќе следува тестирање и селекција на кандидатите. Како што налагаат новите критериуми: 40 бодови носи просекот од завршеното образование и 60 бода положениот стручен дел и познавање на странски јазици (англиски, германски или француски).

Директорот на Општата болница, д- р Љубен Арнаудов, потенцира дека при вработувањето ќе се води исклучиво сметка за квалитетот на кадарот и дека воопшто нема да се подлегнува на влијанија на било какви роднински врски или поврзаност со политичка партија.

Арнаудов потенцира дека со претстојните четири вработувања нема да се задоволат во целост потребите на болницата за нов кадар и дека ќе продолжат заложбите за дополнителни вработувања, со цел соодветно да се одговори на потребите на пациентите.

Вработувањата во Охрид се дел од вкупно новите најавени 200 вработувања во јавните здравствени установи во земјава. Според министерот за здравство Никола Тодоров, тие ќе се реализираат  најмногу за 2 месеци.

Здравствените работници ќе бидат исплатувани од фондот на здравствената установа на чиј оглас се јавиле.

Т.К.