Реконструкцијата на старите куќи во заштитеното градско јадро им задава многу проблеми на охриѓани, кои негодуваат што новите објекти отстапуваат во габарит и во висина од старите. Семејството Смаќоски реагира дека објектот кој се гради во соседството буквално е залепен до нивната куќа.
– Отвараат прозорци и тераса каде што беше ѕид, каде воопшто немаше и сега доаѓаме во ситуација 30 сантиметри прозор спроти прозор, утре јас да гледам некого или некој да гледа во собата од ќерка ми, мислам навистина е неприродно, некоректно и неетички.-вели Ирена Бачиќ.
Дедото на Ирена кој има 94 години вели дека е разочаран од тоа што денес се случува во стариот дел на градот, посочувајќи дека во минатото не се дозволувало промена ниту на покрив ако не се употребуваат автентични материјали.
– Куќите одоздола ги дигаат со 50-60 цм. повисоко, даваат еркери и пенџериња, се чудам каква власт била такогаш, а каква е денес.-вели Цветан Смаќоски.
Смаќоски за проблемот ги известиле сите надлежни институции, од каде со месеци чекаат одговор.
-Не бевме против да се гради туку да се корегира северната страна да не се доближуват објектите на 30 сантиметри, односно да се затворат прозорите на тој ѕид. Се обративме до надлежните државни органи, а тие ја префрлија топката до локалната самоуправа. Оттаму ни беше кажано дека старото градско јадро е во надлержност на државните институции и ресорното министертво. Од 19 април имаме испратено три претставки и се’ уште немаме добиено одговор од институциите. Се обративме и до Завод и Музеј од каде кажуваат дека се е според закон, но законите различно се толкуваат бидејќи нема усогласеност помеѓу нив.-додава Ирена Бачиќ.
Лицата кои ги затекнавме на објектот во градба не беа расположени за разговор и не предупредија да не снимаме.
Од Заводот за заштита на културното наследство и Музеј Охрид, информираат дека постојано добиваат поплаки од граѓани во врска со изградба или реконструкција на објекти во старото градско јадро, што според одговорните се должи на специфичниот терен.
– Граѓаните мора да сфатат дека старото градско јадро е специфично. Прво се работи за терен со големи нагигиби, каде што влезовите на објектите се утврдуваат од горната улица, а во самиот терен објектите добиваат плус кат висина. Што се однесува до еркерите со Законот за Охрид еркерите се дозволени, со точно определени димензии да не биде помал од 50 сантиметри и не поголем од 80 сантиметри. Се она што го дозволуваме е во граници на законот.Точно е дека на некој места стреите се доближуваат и куќите си гледаат едни во други со прозорите, меѓутоа таква е конфигурацијата на јадрото. Пример е „Самоилова“ улица од Антико кон Робевци, тука на моменти буквално се доближуваат стреите и куќите си гледаат едни во други, меѓутоа такви се од некогаш.-изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј Охрид.
Бунташеска тврди дека се што се гради во старото јадро на Охрид внимателно се контролира од страна на Заводот и Музеј и Управата за заштита на културното наследство, а за секоја неправилност се известува Државниот градежен инспекторат.
-Од 2005 година ние сме должни да вршиме конзерваторски надзор кој ја следи градбата на објектио во заштитеното градско јадро во целиот тек. Испраќаме извештаи до Управата за заштита на културното наследство која постојано испраќа екипи на терен и врши контрола, а секој објект кој отстапува од планот го пријавува до Државниот градежен инспекторат, така да максимално се трудиме да ја контролираме градбата.-вели Паскали Бунташеска, која додава дека од кога Заводот ја врши контролата на градбите, бројот на дивоградби во стариот дел на Охрид е намален.
Според Бунташеска проблемите во стариот дел на Охрид се јавуваат поради староста на важечкиот Детален урбанистички план – ДУП за ова подрачје кој датира од 1986 година и кој во многу параметри не соодветствуваат со Законот за Охрид. Таа најавува дека наскоро ќе биде донесен нов ДУП за првата урбана зона, со што ќе се намали просторот за евентуални манипулации при изградба и реконструкција на објекти во заштитеното старо јадро на Охрид.