Градежните активности за конзервација на надворешната архитектура на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ конечно започнаа. Деновиве се прават подготвителните работи за поставување на новите керамиди, кои според неофицијални информации, биле изработени во Грција, по специјална порачка.

Проектот за заштита на автентичната архитектурата на овој значаен културен објект го изготви долгогодишниот архитект во УНЕСКО, Алкис Препис со помош на стручните служби од Националната установа Завод и музеј од Охрид.

-Во согласност со проектот, се врши промена на кровниот покривач, односно комплетна конзервација на архитектурата на црквата. Ќе бидат поставени нови керамиди кои се идентични со оргиналните. Времената заштитна покривка, која претходно беше поставена се отстранува и се поставуваат потребните изолации. Исто така ќе се прават и потребните опшивки од оловен лим, појаснува Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј од Охрид.

Според неа, целокупната конзервација на архитектурата се очекува да заврши за околу три месеци, по што треба да отпочне и конзервацијата на фрескоживописот на црквата.

-Конзерваторите Донатела Зари и Карло Џантомаси од Италија, веќе ја согледаа моменталната состојба на ѕидовите и фреските, а во моментов се склопуваат завршните делови од проектот за комплетна конзервација на фрескоживописот, појаснува Бунташеска.

Освен конзервацијата на црквата, во најскоро време треба да започне и реставрацијата на нејзиниот конак и на камбанаријата.

Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година. Особено е значајна поради уникатните фрески насликани од врвните мајстори Михаил и Евтихиј од Солун, кои поради оштетувањата на покривот и фасадата сега се во многу лоша состојба.

Е.М