Во конаците чија што изградба започна во декември минатата година, ќе бидат сместени пет соби за преспивање и една помошна просторија. Според планираното, градежните работи, кои ги финансира Дебарско кичевската епархија би требало да завршат пред почетокот на ова лето.
Од Охридската парохија, во чиј што состав е овој манастирски комплекс се надеваат дека со новите конаци посетеноста на манастирот значително ќе се зголеми.
-Овој манастир често е свратилиште на многу верниците, но за жал до сега не можеше да понуди соодветни услови за ноќевање и престојување. Старите конаци кои се во рамки на манастирот се одамна изградени и не располагаа со добри услови за сместување, па се надеваме дека со новиот конак условите значително ќе се подобрат, вели парохискиот свештеник Сашо Богдановски.
Тој објасни дека ова не е прв градежен зафат во рамки на овој манастир и дека во текот на изминатите две години била обновена надворешната фасада на пештерната црква, а била реновирана и камбанаријата. Во идниот период се очекува да се изврши и конзервирање на фреските во црквата кои датираат од 14-от век.
Инаку црквата Свети Стефан е единствената пештерна црква во Македонија посветена на првиот христијански маченик Архиѓаконот Стефан. Овој црковен објект е сместен во многу убав предел што овозможува прекресен поглед кон целото крајбрежје на Охридското Езеро и градот Охрид.