Регионалната стопанска комора со седиште во Охрид, во соработка со Македонската Банка за поддршка на развојот и општина Охрид , денеска ги презентираа новите кредитни линии наменети за мали и средни претпријатија.

Целта на денешниот состанок во регионалната комора во Охрид е да ги доближиме информациите на Македонска банка за поддршка на развој до бизнисмените од регионалната комора во Охрид, тоа значи поблиску да се запознаат со условите за користење на тие кредитни линии, за потребната документација што треба да ја подготват и за постапката околу користење и реализација на тие кредити. – изјави Ацо Спасовски од Стопанска Комора на Македонија.


Пред охридските бизнисмени, промовирани  беа нови кредитни линии за откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, кредитна линија за производство наменета за извоз, кредитна линија од земјоделски кредитен дискотен фонд ЗКДФ, кредитна линија од посебен кредитен фонд ПКФ со гарантна шема и кредитна линија ЕИБ 50 мил. ЕУР.

-Од оваа кредитна линија од ЕИБ, досега се реализирани две фази во вкупен износ од 150 мил. евра и се поддржани околу 700 проекти. Сега сме во реализација на трета фаза, вредна 100 мил. евра, и веќе сме  во завршна фаза во повлекување на првата транша од 22,3 мил. евра за поддршка на 101 проект. – изјави Александар Станојковски од Македонска банка за поддршка на развојот.


Целта на овие кредитни линии е подобрување и развој на производните способности кај микро, малите и средните претпријатија, со што би се подобрил капацитетот на претпријатијата за настап на домашниот и странските пазари и би се зголемиле инвестициите, вработеноста и конкнурентноста во Република Македонија.

З.А.