Програмата за отварање на нови работни места предвидува поддршка со неповратни средства во вид на опрема и материјали во висина од 92 илјади денари за секое ново отворено работно место, но не за повеќе од пет работни места по една фирма или максимум износ од 460 илјади денари поддршка.
– Со оваа мерка во 2012 година предвидено е да се отворат нови 90 работни места. Во АВРМ, сметано од овој момент, имаме одвоено 8 милиони и 280 илјади денари. Во 2013 година бројот на корисници ќе биде определен согласно планираните средства во буџетот на Македонија, рече Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, во рамки на промоцијата на проектот.
Сите права и обврски на вклучените страни ќе бидат дефинирани со посебен договор. Огласот за оваа мерка е веќе објавен и заинтересираните можат да поднесат пријави најдоцна до 4 мај 2012 во работните клубови на 30 Центри за вработување во Македонија.
– Втората мерка „Обука за општи вештини“ е дел од проектот „Поддршка за вработување на млади луѓе, долгорочно невработени и жени“, финансиран од ЕУ. Обуките се наменети за регистрирани невработени лица кои се заинтересирани да учествуваат во обука на странски јазици, основни вештини за информатичка технологија, претприемништво и комукиациски вештини, кои ќе бидат организирани во повеќе локални центри за вработување. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 3.000 невработени лица, рече Ристовски.
Тој потенцираше дека обуките ќе се изведуваат најдоцна до втората половина на јуни годинава. Лицата кои сакаат да учествуваат во овие обуки треба да потполнат апликација за учество. Краен рок за доставување на апаликациите е 25 април 2012 година.