Црвениот крст Охрид денеска доби уште една вредна донација од организацијата Флоријан од Манчестер – Англија, наменета за Единиците за спасување на вода.
-Се работи за два нови мотори за спасувачките чамци што исто така ни ги донираше Флоријан минатата година, така што оваа сезона со три комплетни чамци ќе бидеме многу помобилни и ќе имаме подобар систем на патролирање на Охридското Езеро. Исто така добивме и 15 автоматски дефибрилатори кои служат за реанимација, кои во голема мера ќе ја зголемат безбедноста на капачите, бидејќи спасувачките тимови кои ќе патролираат на најфреквентните плажи, ќе бидат опремени со овие помагала истакна Антонио Додевски, секретар на охридскиот Црвен крст.
Во наредните десет дена експерти од Флоријан ќе вршат обука на волонтерите на Црвениот крст Охрид, кои според претставниците од англиската организација покажале исклучителна професионалност и посветеност на хуманата мисија.
-Ние сме многу задоволни од работата на волонтерите на Црвениот крст Охрид кои ги почитуваат светските принципи на хуманоста и на интернационалната организација на Црвениот крст. Има очигледен прогрес во работата на организацијата, што е голем успех на охридските волонтери, истакна Стив Џордан од Операција „Флоријан“.
На предавањето на донацијата присуствуваа претставници на противпожарни единици од Источен Сасекс, заменик амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Џерард Мекгирк, како и градоначалникот на Охрид Александар Петрески, кој во име на општината се заблагодари за добиената поомош.
-Ова е поттик повеќе и ние како општина, како и и другите надлежни институции задолжени за безбедноста на вода да вложиме напор во подобрување на сигурноста на капачите и учесниците во водниот сообраќај, рече Петрески.
Единицата за безбедност на вода при Црвен крст Охрид, за која е наменета донацијата, пред присутните гости одржа показна вежба кај градското пристаниште на која беа демонстрирани вештини за спасување давеник.