Последните неколку години, поради покачување на температурата и други надворешни фактори, во водите на Охридското Eзеро се евидентирани нови организми кои не се карактеристични за живиот свет кој егзистира тука. Но и покрај овие промени, научниците од Хидробиолошкиот институт сметаат дека, езерото е сеуште e во стабилна биолошка состојба.
– Евидентиран е нов вид на зелена алга, која порано не беше присутна во Охридското Eзеро. Утврдени се и неколку промени во однос на доминантните видови кај фитопланктоните. Но и покрај тоа може да се потврди дека во езерото, за сега, сите процеси на живите организми се одвиваат нормално.-вели д-р Сузана Патчева од одделението за фитопланктон при Хидробиолошкиот институт.

Во делот на останатиот биолошки свет во Охридското Езеро, како резултат на повисоките температури забележано е порано мрестење на краповидните риби.
-Краповидните риби треба да се мрестат на почетокот на летото на пример крајот на мај или почетоткот на јуни. Но последните години, бидејќи летните температури настапуваат порано, овие риби започнуваат со мрестот околу еден месец порано.-вели д-р Трајче Талески, од одделението за ципринидни риби, при Хидробиолошкиот инстиут. Тој нагласува дека освен овие, кај останатите риби, за сега не се забележани некои позначајни промени.
Научниците нагласуваат дека не може со сигурност да се тврди дека овие промени се резултат на само на климатскиот фактор, туку дека за ваквата состојба се заслужни и други влијанија од околината.

Доколку овие претпоставки се остварат, тие би имале негативно влијание на бенталната фауна и ендемичните видови од сите групи на организми кои живеат во Охридското Езеро.












