Охрид повторно ќе пулсира со енергија и адреналин кои со себе ги носи планинското трчање! Седмото издание на Охрид Ултра-Треил кое ќе се одржи од 23 до 25 мај 2025 година донесува рекордни 650 пријавени учесници од 42 различни земји – бројки кои го потврдуваат статусот на настанот како водечки во светот на планинското трчање во регионот.
Од своето прво издание во 2019 година, кое започна со две трки и 130 тркачи, Охрид Ултра-Треил прерасна во интернационален спортско-рекреативен спектакл, што го обединува светот преку страста за движење и природата, велат организаторите.
Посочуваат дека и оваа година, љубителите на планинското трчање ќе можат да изберат од пет трки со различна должина и тежина, распоредени во два дена:
- Охрид Ултра-Треил 105K – старт: 23 мај (петок) во 23:00, од плоштадот во Охрид
- Галичица Ултра 65K – старт: 24 мај (сабота) во 07:00 од Св. Наум
- Самотска Треил 42K – старт: 08:00 од Св. Наум
- Летница Треил 21K – старт: 10:00 од Велгошти
- Рамне и Јуниор Треил 10K – старт: 11:00 од Велгошти.
Сите патеки водат низ величествените предели на Националниот парк Галичица, а финишот е традиционално на градскиот плоштад во Охрид. Оваа година трката на 65 километри – Галичица Ултра воедно ќе биде и квалификациска трка во скајранинг дисциплината СкајУлтра каде најбрзите во машка и женска конкуренција од Македонија имаат можност да бидат дел од македонската скајранинг репрезентација во 2025, потенцираат.
Патеката Рамне Треил на 10 километри, пак, се одржува втора година за ред и таа овозможува бесплатно учество на јуниорската категорија од 13 до 18 години со што го поттикнува спортувањето и активниот животен стил кај тинејџерската популација во регионот.

Со учесници од 42 земји – меѓу кои Турција, Грција, САД, Романија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка, Чешка, Полска, Франција, Велика Британија, како и земјите од регионот – Охрид Ултра-Треил е настан кој не само што го промовира спортот и здравиот живот, туку и ја слави и промовира природната и културната убавина на охридско-преспанскиот регион, под заштита на УНЕСКО.
Како вовед во тркачкиот викенд на Ohrid Ultra-Trail® 2025, на 23 мај (петок) во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ ќе се одржи OUT Expo – спортски и outdoor саем каде воедно ќе се доделуваат и стартните пакети за сите трки.
Овој настан ќе биде централно место за дружење и размена на искуства меѓу тркачите, љубителите на активен живот и професионалците од outdoor индустријата. Саемот е отворен за сите посетители и ќе понуди динамична програма со музика, презентации, дегустации и активности – идеален старт за еден незаборавен спортски викенд во Охрид!, додаваат организаторите.
OhridNews












