Охрид повторно ќе пулсира со енергија и адреналин кои со себе ги носи планинското трчање! Седмото издание на Охрид Ултра-Треил кое ќе се одржи од 23 до 25 мај 2025 година донесува рекордни 650 пријавени учесници од 42 различни земји – бројки кои го потврдуваат статусот на настанот како водечки во светот на планинското трчање во регионот.

Од своето прво издание во 2019 година, кое започна со две трки и 130 тркачи, Охрид Ултра-Треил прерасна во интернационален спортско-рекреативен спектакл, што го обединува светот преку страста за движење и природата, велат организаторите.

Посочуваат дека и оваа година, љубителите на планинското трчање ќе можат да изберат од пет трки со различна должина и тежина, распоредени во два дена:

  • Охрид Ултра-Треил 105K – старт: 23 мај (петок) во 23:00, од плоштадот во Охрид
  • Галичица Ултра 65K – старт: 24 мај (сабота) во 07:00 од Св. Наум
  • Самотска Треил 42K – старт: 08:00 од Св. Наум
  • Летница Треил 21K – старт: 10:00 од Велгошти
  • Рамне и Јуниор Треил 10K – старт: 11:00 од Велгошти.

Сите патеки водат низ величествените предели на Националниот парк Галичица, а финишот е традиционално на градскиот плоштад во Охрид. Оваа година трката на 65 километри – Галичица Ултра воедно ќе биде и квалификациска трка во скајранинг дисциплината СкајУлтра каде најбрзите во машка и женска конкуренција од Македонија имаат можност да бидат дел од македонската скајранинг репрезентација во 2025, потенцираат.

Патеката Рамне Треил на 10 километри, пак, се одржува втора година за ред и таа овозможува бесплатно учество на јуниорската категорија од 13 до 18 години со што го поттикнува спортувањето и активниот животен стил кај тинејџерската популација во регионот.

Трета година за ред настанот е и дел од Europe Trail купот каде се натпреваруваат некои од најдобрите европски треил тркачи во систем на настани кои се одржуваат од Пиенини, Јулијански Алпи, Доломити до Галичица, пречекувајќи ги тркачите да се потопат во возбудата на (себе)откривањето и поврзувањето.

Со учесници од 42 земји – меѓу кои Турција, Грција, САД, Романија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка, Чешка, Полска, Франција, Велика Британија, како и земјите од регионот – Охрид Ултра-Треил е настан кој не само што го промовира спортот и здравиот живот, туку и ја слави и промовира природната и културната убавина на охридско-преспанскиот регион, под заштита на УНЕСКО.

Како вовед во тркачкиот викенд на Ohrid Ultra-Trail® 2025, на 23 мај (петок) во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ ќе се одржи OUT Expo – спортски и outdoor саем каде воедно ќе се доделуваат и стартните пакети за сите трки.

Овој настан ќе биде централно место за дружење и размена на искуства меѓу тркачите, љубителите на активен живот и професионалците од outdoor индустријата. Саемот е отворен за сите посетители и ќе понуди динамична програма со музика, презентации, дегустации и активности – идеален старт за еден незаборавен спортски викенд во Охрид!, додаваат организаторите.

OhridNews