Министерството за внатрешни работи (МВР) годинава ќе ги поднови полицајците со нова работна униформа, при што ќе набави по 8.000 пара чевли, летни панталони и маици, како и 2.000 капи.

За таа цел МВР вчера објави огласи за доделување на договори за јавни набавки на делови од работната униформа на полицијата, предвидени со Планот за јавни набавки за 2012 година, а согласно Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата.

Во условите од тендерот за набавка на чевлите, се наведува дека тие треба да бидат  изработени од природна кожа во црна боја, и со посебни карактеристики на квалитетот наведени во тендерската документација. Критериум за доделување на договорот е економски најповолна понуда, при што за цената ќе се доделат максимум 70 бодови, а за квалитетот максимум 30 бодови. Квалитетот ќе се докажува преку лабараториска анализа на поднесените мостри согласно барањата од техничката спецификација.

Летни панталони за припадници на полиција треба да бидат изработени од материјал тергал во темно сина боја и посебни карактеристики на квалитетот детално опишани во тендерската документација. Критериум за доделување на договорот за оваа постапка е најниска цена, при што мострите на понудувачите задолжително треба да ги задоволат барањата дефинирани во деталната техничка спецификација и мострата на договорниот орган. Квалитетот и на овие мостри исто ќе се докажува преку лабараториска анализа на поднесените мостри согласно барањата од техничката спецификација.

Исто така, преку електронскиот систем за јавни набавки започнати и објавена се две одделни постапки за набавка на маици за полицијата вкупно 2.000 парчиња и капи за полицијата вкупно 8.000 парчиња.

OhridNews
Извор: Макфакс