Во текот на наредните две години неколку охридски села и улици ќе добијат нови водоводни системи. Ова е предвидено во рамки на „Нацрт Програмата за изградба на системи за водоснабдување од 2015 до 2017 година“, која е ставена на јавен увид пред граѓаните.

Според планираното, со средства од општинскиот буџет ќе се финансира изградбата на нова водоводна линија во селата Велгошти и Горно Лакочереј. Снабдување со вода ќе биде обезбедено во селата Вапила и Лавоишта, а во селото Свињишта ќе биде изграден нов басен за вода. Во селото Косел ќе се изврши замена на азбестните цевки за водоснабдување со нови, а во селото Лескоец ќе се изврши реконструкција и доизграба на водоводната мрежа.

Доколку се усвои оваа програма, освен селските населби, нови водоводни линии ќе бидат изградени во Урбаните заедници „Гоце Делчев“ и „Радојца Новичиќ“, а нова водоводна мрежа ќе добијат и улиците „Абас Емин “, „Јане Сандански “, „Андон Дуков“ и „Ванчо Питошески“. Промена на азбестните цевки ќе се изврши на улицата „Александар Турунџев“.

За поефикасно одржување на градските парк површини, во програмата е предвидено и поставување на нов систем за наводнување на сообраќајната клучка на влезот во Охрид, на улицата „Железничка“ и на кружните крстосници.

 

OhridNews