Законот за Медиуми е закон кој ќе ја одреди иднината на македонските медиуми во следните неколку години. Затоа сметаме дека пред неговото изгласување е потребна сериозна и отворена дебата за неговиот опфат и содржина. Од тука сметаме дека отвореноста и партиципативноста се клучни принципи врз кои што треба да се темели јавната дебата, e ставот на Здружението на новинари на Македонија. Претставниците на ЗНМ вчера ја напуштија јавната расправа за Законот за медиуми, бидејќи медиумските работници не се информирани за содржината на предлогот подготвен од државата.
-Во неколку наврати јавно предупредувавме дека начинот на кој што се изработува Законот за медиуми е нетранспарентен, а процесот е далеку под досега достигнатите стандарди во носењето на вакво законодавство.
Законот за радиодифузната дејност од 1997 година мина низ двегодишна процедура која што вклучуваше широка дебата на сите заинтересирани страни. Законот за радиодифузна дејност од 2005 помина низ тригодишен процес. Законот за Граѓанска одговорност за клевета и навреда беше донесен со директно учество на ЗНМ во работните групи за законот.Сите овие примери покажуваат дека партнерството меѓу владите и медиумската заедница водело кон постигнување на взаемно прифатливи решенија што овозможувале напредок во слободата на изразување.
Денес сме соочени со целосно поинаква ситуација. Законот за медиуми што сега се отвора пред јавноста е пишуван во сосема поинаква атмосфера. Во целост е припремен од Владата, и како конечен и затворен концепт денес се нуди на јавноста за коментирање.-велат од ЗНМ.
Во неколку наврати, од различни медиумски организации, а особено од ЗНМ е повторуван ставот на заедницата: Измена на законодавството во насока на вградување на Директивата за аудиовизуелни услуги во Законот за радиодифузија и зајакната имплементација на останатите закони. За секое ширење на опфатот на регулација мора прво да претходи сериозна дебата за потребите на регулирање. Владата се согласи со овој став во декември 2011 година на седница на работната група во рамките на дијалогот што го водеше со ЗНМ.
-И покрај барањата за отворање на таквиот Закон за широка, конструктивна структурирана дебата ние денес имаме процес во кој што министерството јавно кажува дека Законот ќе биде донесен до 31 Мај, посочуваат од ЗНМ.
Поради сето ова, ЗНМ , на Владата предлага сле Владата да го објави Законот за медиуми и рокот за носење да го одложи за 3-5 месеци, а во меѓувреме да тече сериозна дебата и заклучоците од дебатата да станат составен дел од законот.
-Целосно сме свесни дека главната наведена причина за брзањето со Законот после една и пол година молк е проблемот на т.н. аналогно/дигитален премин и наводниот недостиг на регулатива. Во таа смисла ние веќе имаме изработени амандмани на Законот за радиодифузија што го решаваат тој проблем и подготвени сме да ги доставиме до Владата.
Сметаме дека оваа понуда е фер и остварлива и претставува компромис од почетните позиции и на едната и на другата страна во процесот, стои во соопштението на ЗНМ.