Наместо на јавноста да и даде објаснување зошто навистина новинарот Томислав Кежаровски толку долго е во притвор, Судот се обидува да ги дискредитира и иницијативниот одбор и новинарската професија во целина, реагира Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски на одговорот на судот дека со протестот на новинарите се врши притисок врз судот, пренесува „Макфакс“.

Новинарите укажуваат дека таканаречениот притисок врз судството не го прави иницијативниот одбор, туку ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Македонија, Меѓународната федерација на новинари, медиумските асоцијации од Европа, здруженијата на новинарите од регионот, ИФЕКС, „Репортери без граници“, Мрежата на медиумски организации на Југоисточна Европа, СЕЕМО коишто побараа ослободување на Кежаровски.

„Доколку навистина со нашите јавни изречени ставови и со нашето уставно загарантирано право на протести, како што се наведува во соопштението на судот,„се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозуваат правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“, тогаш како граѓани на Македонија сме длабоко загрижени за кревкоста на судскиот систем. Ако со свирчиња новинарите направиле упад во независноста на судот, тогаш што прават политичките елити и другите центри на моќ со нивните инструменти за притисок врз судството?!“, се вели во реакцијата на новинарите.

Оттаму појаснуваат дека слободата на изразување нема таканаречени форми и таа е една и единствена и е заштитена со Уставот на Македонија.

„Не сакаме да веруваме дека судот намерно ја дезинформира јавноста кога во соопштението наведува дека со „постојаните притисоци на таканаречениот иницијативен одбор“ „обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на преостанатите обвинети“, па дури дека и „на овој начин се злоупотребува позицијата новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“. За медиумите и новинарите, но пред сè, за целокупната јавност во Македонија, исклучително е важно судот да покаже дека го уважува, го признава и го поддржува слободното новинарство и го смета како нужна неопходност, која ги штити јавниот интерес, плурализмот и демократијата во нашата држава“, се додава во реакцијата.

Новинарите во четвртокот излегоа на штрајк пред Основниот суд Скопје 1 поради продолжувањето на притворот на Кежаровски. Во одговорот, Кривичниот суд реагираше дека со протестите се врши упад во независноста на судскиот систем.

„Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни „иницијативни одбори” и други интересни групи, со организирање на протести пред судот ставајќи се над законот и Уставот на Република Македонија која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи. Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните” се вели во соопштението од Судот.

OhridNews
извор:„Макфакс“