Новинарските организации, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите, се незадоволни од измените на Изборниот законик поради двојното зголемување на казните за медиумите и изедначувањето на медиумите.
„Дополнително ќе се зголеми притисокот врз медиумите. Казните што се предвидени во законот се непропорционални и се однесуваат на сите медиуми. Ако една казна е соодветна за еден вид медиум, тоа не значи дека ако таа биде изречена, на пример, за интернет-портал ќе биде соодветна и може да предизвика затворање на медиумот“, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Тие побараа да бидат вклучени во преговорите и најавија дека ако не се исполнат барањата ќе има протест пред Клубот на пратениците, каде што се водат преговорите. „Ќе има протест пред Клубот, а ќе можат и самите, без новинари да прават избори“, рече Селмани.
„Сакаме да им порачаме на оние кои неж доведоа до ова дереџе да бидеме со најмали плати во регионот дека нема да дозволиме со пазарења да ни ја кројат судбината“, рече Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите на работните групи Илија Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ како партија не е за зголемување на казните, туку тоа било став на некоја од другите три партии.
Работните групи се уште преговараат со медијаторот во преговорите, Питер Ванхауте за измените во пакетот закони што се однесуваат на медиумите. Тој најави дека измените ќе бидат готови кон крајот на идната недела.
Ванхауте порача дека во медиумите потребни се независни експерти чија главна цел ќе биде да работат во интерес на медиумите.
Тој не се согласува со барањата за регулација на сите можни аспекти поврзани со медиумите и вели дека има поместување во ставовите на партиите и во однос на овие прашања.
„Не можете да регулирате, на пример, кај приватните телевизии колку лица ќе вработат. Вакво решение нема никаде во Европа, немам никаде видено во ниту едно демократско законодавство. Парламентот и државата немаат мандат за да одлучуваат колку програма ќе биде одвоена за информативна содржина, колку за забавна во однос на приватните медиуми“, изјави Ванхауте.
OhridNews