Нина Кепеска, долгогодишна новинарка од Охрид е новиот член на Управниот одбор на националната установа фестивал “Охридско лето”, именувана неодамна со решение на министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска. Кепеска, по образование дипломиран економист, со искуство во медиумската сфера и односите со јавност, на ова место е назначена на местото на Тони Тунтев, како претставник на локалната самоуправа на предлог на градоначалникот Александар Петрески.

-Чест ми е што го претставувам градот Охрид во управата на неговиот фестивал, со кој во публиката сум од мали нозе. Манифестацијата што влезе во 52-та година од постоењето, ми помогна да ја изградам сопствената  култура на живеење и уживање на уметноста во сите нејзини форми, а последниве две децении ја следам како новинарка на неколку медиуми. Репортерската желба културата да заземе повисоко место во вестите и натписите во медиумите, од позиција на член на Управниот одбор ќе се потрудам да ја збогатам со заложбата фестивалот кој е значаен белег на Охрид, да го зголеми и збогати квалитетот, да ја задржи традицијата и основните столбови на кој се темелеше половина век и да изгради подостоинствено ниво и респект во земјава и светот. Тоа го заслужува најзначајната манифестација од културата кај нас и е наш долг кон сите уметници кои учествувале и ќе настапат на фестивалот и кон сите дејци кои се вградиле во неговото битисување. – изјави Нина Кепеска по нејзиното именување за член на Управниот одбор на “Охридско лето” со мандат од четири години.

OhridNews