„Новиот бран во ВМРО- ДПМНЕ“, со кој се најавени кадровски промени и освежувања во општинските комитети и државните институции ќе го зафати и Охрид.

Ова денес го потврди пратеникот Александар Николоски, кој нагласи дека  „новиот бран“ се однесува на сите функциониери именувани на централно и локално ниво од страна на институциите во надлежност на владата или собранието на РМ, односно државните институции.


Со партиските комитети работата е во напредна фаза. 42 претседатели на општински комитети од ВМРО- ДПМНЕ се променети или во фаза на промена. Таа постапка е завршена, сега одиме со функционерите именувани од владата или собранието затоа што  има многу од нив кои на иста функција се по 6 или 7 години. Дел од нив се докажале ама дел не, па затоа граѓаните бараат да бидат сменети, потенцира Николоски.

Одговарајќи на новинарско прашање околу евентуални кандидати на партијата со кои би се настапило на претстојните локални избори, Николоски со став дека се што во последно време се пласира во јавноста, околу евентуални имиња на кандидати за градоначалник , е шпекулација.

Во моментов ВМРО- ДПМНЕ е фокусирана на остварување на програмата која ја ветивме, надминување на кризата и правење што подобра конструкција за ребалансот на буџетот. Секоја информација пласирана во јавноста околу имиња на кандидати за градоначалник на локалните избори е шпекулација. Ниту имаме кандидати, ниту за тоа е разговарано. Најрано тоа би се случило во декември, потенцира Николоски.

Т. К.