Излезе од печат новиот, 19 – ти број, на меѓународната ревија за литература, култура и уметност „Бранувања“, што го издава Културниот центар „Бран“ од Струга.

Изданието е посветено на десетгодишнината од постоењето и активностите на литературната ревија и на манифестацијата “Струшки книжевни средби”, која се одржа и годинава, a на која беа доделени книжевните награди (за целокупното литературно дело, за необјавена песна и занеобјавени книги поезија и проза).

Новиот број на „Бранувања“ донесува нови прилози на книжевни теми од Мерсиха Исмајлоска, Даниела Андоновска – Трајковска, Васил Тоциновски, Весна Мундишевска – Вељаноска, како и нови песни од Игор Крајчев, Даница Ивановска – Лепоевиќ, Наташа Алексова, Снежана Стојчевска и Верица Мукоска.

Во делот на преведени странски автори објавени се песни на Новица Соврљиќ (Косово), Илир Пеја (Албанија), Марија Кобетс (Белорусија), Станислав Чандиновиќ – Ли ( Казахистан), Соња Цекова – Стојаноска (Словенија), Љубиша Симиќ и Саво Костадиновски ( Германија).

Исто така, во новиот број на ревијата за литература, култура и уметност „Бранувања“, е објавено Слово за Владо Малески, по повод 100 – годишнината од неговото раѓање и 35 години од смртта, како и интервју со Петко Шипинкаровски, главен и одговорен уредник на „Бранувања“, организатор на манифестацијата Струшки книжевни средби и претседател на културниот центар „Бран“ во Струга.

Во новоизлезениот број на меѓународната ревија за литература, култура и уметност „Бранувања“ се објавени и неколку рецензии/прикази за новоизлезени книги, два раскази, како и книжевни студии посветени на творештвото на македонските писатели ДимитарПандев и Мустафа Спахиу и неколку текстови на актуелни теми и коментари за културните настани кај нас и пошироко.

OhridNews